Најчесто поставувани прашања

1. Што значи либерализацијата во снабдувањето со електрична енергија?
Во практична смисла, либерализацијата во снабдувањето со електрична енергија значи дека Вашата компанија може да избере од кој деловен субјект, носител на Лиценца Снабдувач со електрична енергија, ќе ги обезбедува своите потреби за електрична енергија. Листата на лиценцирани Снабдувачи и Трговци со електрична енергија можете да ја пронајдете на веб страната на Регулаторната Комисија за енергетика на Република Македонија.
 
2. Дали мора да изберам да бидам снабдуван со електрична енергија на либерализиран пазар?
Според Законот за енергетика, сите потрошувачи имаат право да изберат снабдувач на електрична енергија на отворен пазар. Домаќинствата и малите потрошувачи на електрична енергија (со просечен број на вработени во последните две календарски години со помалку од 50 вработени и со вкупен годишен приход помал од два милиони евра во денарска противвредност), доколку не одлучат да бидат снабдувани на отворен пазар, може да се снабдуват под регулиран цени од Снабдувач на Универзални Услуги. Големите потрошувачи доколку не потпишат договор на отворен пазар, можат да изберат да бидат обезбедени од од Снабдувачот на Универзални Услуги, но не подолго од 90 дена.

3. До кога мора да склучам договор за снабдување на либерализиран пазар?
Со цел да се започне постапката за одење на отворен пазар, корисникот треба да ја достави потребната документација до снабдувачот најдоцна во рок од три недели пред почетокот на испораката на електрична енергија. За подетални информации, посетете ја веб-страницата на операторот на дистрибутивниот систем на следниот линк.

4. Која опција е најисплатлива за мојата компанија во делот за снабдување со електрична енергија?
Мора да се нагласи дека либерализацијата не мора нужно да значи пониска цена за корисниците коишто ќе изберат да бидат снабдувани на слободниот, либерализиран пазар. Цената на слободниот пазар се формира не само врз основа на понудата и побарувачката во даден временски интервал, туку и врз основа на многу други варијабли коишто влијаат врз конечната малопродажна цена. Како и во секој друг бизнис, трговијата и снабдувањето со електрична енергија е поврзано со многу ризици определени од природата на електричната енергија како продукт којшто не може да се складира, производниот капацитет достапен на домашниот и регионалните пазари, прекуграничните капацитети за пренос на енергијата, движењата на берзите на електрична енергија, факторите на виша сила и сл. Во секој случај најдобар начин да добиете експертско мислење за најисплатливата и најперспективната опција за Вас е да ги контактирате експертите на ЕВН Македонија Електроснабдување тука.

5. Кој е бенефитот за мојата компанија доколку се одлучам да бидам снабдуван од страна на ЕВН Македонија Електроснабдување?
Склучувајќи Договор за снабдување со ЕВН Македонија Електроснабдување, воспоставувате деловен однос со компанија којашто е дел од ЕВН групацијата со околу 4,5 милиони корисници. ЕВН е компанија којашто има најголемо искуство со снабдување со електрична енергија во Југоисточна Европа.  

Групацијата е основана во 1907 година, 26 години котира на берза и е водечка компанија за интегрирани енергетски и еколошки услуги која опслужува корисници во 25 земји во Европа со најголеми деловни активности во Австрија, Германија и Југоисточна Европа. 

Управниот и Надзорниот Одбор на ЕВН се посветени на принципите на добро корпоративно управување и на тој начин ги пресретнуваат очекувањата на домашните и меѓународните инвеститори за одговорно, транспарентно и одржливо управување и контрола. 

Менаџментот и вработените во ЕВН имаат големи одговорности и претставуваат пример за деловно однесување во сите земји. Од оваа причина е развиен ЕВН Кодекс на однесување, кој ги дефинира и сумира основните принципи и насоки за одговорни постапки на луѓе со интегритет. Покрај тоа, развиен е посебен сеопфатен сет на интерни правила за сите деловни области кој е обврзувачки за вработените во ЕВН. Конкретно, овие правила ги опфаќаат релевантните насоки и кодекс на однесување за ЕВН групацијата кои ги регулираат дневните деловни активности на оперативно ниво. 

Општеството е област од посебен интерест за ЕВН. ЕВН групацијата поддржува настани поврзани со македонската традиција, инвестира во спортот и во промоција на здравјето и ја поттикнува идејата за еднаков третман за сите засегнати страни во општеството. 

Со тоа, секогаш можете да сметате на ЕВН Македонија Електроснабдување како доверлив и сигурен партнер којшто за Вас секогаш најпрецизно ќе ги планира Вашите енергетски потреби и компанија којашто ќе биде на располагање за Вас и Вашиот бизнис во секое време од денот и ноќта, секој ден во годината. Компанија којашто ја познавате и за којашто можете да бидете уверени дека ќе Ви ја обезбеди енергијата што Ви треба под најповолни услови за набавка без никакви скриени трошоци, со апсолутно најдобар сервис и достапност во однос на останатите конкуренти.

6. По какви цени ќе биде снабдувана мојата компанија доколку се одлучам ЕВН Македонија Електроснабдување да биде мој Снабдувач на либерализираниот пазар?
На следниот линк можете да ги најдете моменталните цени и условите за снабдување со електрична енергија што ги нуди ЕВН Македонија Електроснабдување на своите деловни корисници. 

7. Зошто досега немав можност да добијам ваква понуда за снабдување за мојата компанија?
Во изминатиот период, Вашата компанија имаше статус на тн. Тарифен потрошувач, што значи дека согласно важечката регулатива за Вас мораа да бидат применувани цени дефинирани во Тарифниот систем усвојуван од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Со тоа, ЕВН Македонија АД како регулиран Снабдувач на тарифни потрошувачи немаше никаква можност самостојно да ги определува цените за Вашето снабдување. Со отварањето на Пазарот на електрична енергија, ЕВН Македонија Електроснабдување веќе може слободно да ја формира цената и заеднички со Вас да ги договара цените и условите под коишто Вашата компанија ќе може да се снабдува со електрична енергија, на заедничко задоволство.

8. Дали доколку се одлучам да бидам снабдуван од страна на ЕВН Македонија Електроснабдување може да сметам на дополнителни услуги од Вашата компанија?
За подетални информации во врска со дополнителните услуги кои ги нуди ЕВН Македонија Електроснабдување на корисниците, ве молиме погледнете ги другите делови на нашата веб страница или 02 / 3205-500.

9. Кој е ризикот за мојот бизнис доколку се одлучам за друг трговец или снабдувач со електрична енергија?
Одлуката да се снабдувате од друг трговец или снабдувач е легитимна и истата ќе биде почитувана од страна од страна на ЕВН Македонија Електроснабдување. Она што може да го укажеме е дека ЕВН Македонија Електроснабдување ќе Ве има предвид и понатаму и ќе ги следи Вашите потреби и очекувања дури и во случај на банкрот, ликвидација или неможност на исполнување на обврските кон Вас од страна на Вашиот евентуален нов добавувач, со цел воспоставување на сигурно и стабилно снабдување на Вашиот бизнис во најкраток можен рок, со најмали финансиски последици.

10. Како да станам корисник на ЕВН Македонија Електроснабдување на либерализиран пазар?
Доколку сакате да станете наш корисник, ве молиме контактирајте не на 02 / 3205-500 или на [email protected] или побарајте договор тука. Нашиот стручен тим ќе ви ги објасни подетално процедурата за префрлување на снабдувачот и потребната документација за започнување на истата.

11. Доколку се одлучам да бидам снабдуван на либерализираниот пазар, дали како и досега ќе добивам една фактура за електрична енергија?
Не. Доколку се одлучите да склучите Договор за снабдување под пазарни услови, ќе добивате две фактури: една за самата енергија по цена што ќе ја договорите со Вашиот Снабдувач (пр. ЕВН Македонија Електроснабдување) и фактура што ќе ја добивате за надомест за користење на дистрибутивната мрежа од страна на ЕВН Електродистрибуција Дооел како Оператор на дистрибутивниот систем по цени дефинирани од страна на Регулаторната Комисија за енергетика.

12. Дали изборот на конкретен Снабдувач со електрична енергија ќе има влијание врз квалитетот на електричната енергија што ја користам?
Апсолутно и дефинитивно НЕ! Квалитетот и сигурноста на снабдувањето во нивната техничка смисла зависат од операторите на соодветните системи, во прв ред МЕПСО АД како Оператор на Преносниот Систем и секако ЕВН Електродистрибуција Дооел како Оператор на дистрибутивниот систем на електрична енергија во Република Македонија. Снабдувачите или Трговците на електрична енергија немаат никакво влијание ниту можност за влијание врз дефинираните технички параметри во преносот и дистрибуцијата на електричната енергија.

13. Дали со преминувањето на либерализиран начин на набавка на електрична енергија за мојата компанија се менува и броилото, отчитувачкиот период или можеби доводната инсталација, мрежата и сл.?
Не. Броилото останува сопственост на ЕВН Електродистрибуција Дооел како Оператор на дистрибутивниот систем, а со тоа и обврската на компанијата за отчитување на состојбите за потрошувачката. Доводната инсталацијата и мрежата до местото на мерење остануваат исто така во сопственост и надлежност на ЕВН Електродистрибуција Дооел.

14. Кои се високите и ниските тарифни часови?
Високата тарифа е од 07:00 – 22:00 секој ден освен недела. Ниската тарифа важи од 22:00 – 07:00 секој ден и недела во текот на целиот ден.

Енергетска ефикасност во бизнисот

ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје
Ул.Лазар Личеноски бр.11, Скопје
П. ФАХ 694, Скопје 1000, Македонија
Телефон: +389 (0)2 3205 500
[email protected]